Охрид е позната туристичка дестинација и мора да има стратегија во туризмот, рече на денешната прес-конференција Митре Милошевски, кандидат за градоначалник на овој град од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што кажа тој, туризмот и угостителството имаат голем потенцијал за понатамошен напредок и развој во сите нивни сегменти и поради тоа дефинирањето на насоките, целите и задачите е од основна важност за развој на градот.
Милошевски посочи дека отворањето можности за нови вработувања во туризмот и угостителството ќе бидат негова примарна цел со помош на формирање претприемачки инкубатор за нови бизниси за млади лица.
„Подготвена е сеопфатна стратегија со која јасно и прецизно се дава одговор на три значајни прашања – Каков треба да биде туризмот, Кои се клучните предуслови за развој на туризмот и со што туризмот ќе ја привлекува побарувачката?“, истакна на прес-конференцијата кандидатот за градоначалник.
Милошевски воедно нагласи дека тој и неговиот тим се цврсто решени со сеопфатната долгогодишна стратегија, изготвена од врвни експерти од Факултетот за туризам и угостителство, да направат Охрид да биде конкурентен во 21 век.