На Шимон Хајат, ликот од документарецот The Tinder Swindler, му треба лекарска помош, рече една од неговите наводни жртви.
31-годишниот човек е обвинет дека ја користел апликацијата за запознавање „Тиндер“ за да измами голем број жени и да изнуди пари од нив, а Сесили Шродер Фјелхој, која тврди дека е една од наводните жртви на Шимон, го опиша како „мајстор во тоа што го прави“.
Сесили гостуваше во емисијата на Дру Баримор (The Drew Barrymore Show) каде рече: „Мислам дека му треба помош. Жал ми е за него. Навистина, навистина ми е жал. Неговиот живот е толку празен“.
Хајат – познат и како Симон Левиев – се закани дека ќе започне правна постапка против неговите обвинувачи. Како одговор на документарецот на „Нетфликс“, тој напиша: „Ќе покренам тужба против вас за дискриминација и лаги, сè се базира на лага.“
Неодамна, пред да исчезне од платформите на социјалните мрежи, тој вети дека ќе ја каже својата страна на приказната.
На измамникот, чија животна приказна е искористена во документарниот филм на „Нетфликс“, The Tinder Swindler, муе забранет пристапот до апликацијата за запознавање.
Филмот за Шимон Хајат премиерно се емитуваше на 2 февруари и ја обработува темата за измама на жени, од кои главниот „херој“ присвоил милиони фунти. Тој со години патувал низ светот бегајќи од законот, а бил баран за низа казниви дела, вклучувајќи фалсификување и кражба.
Но, тој повеќе нема да ги мами жените на „Тиндер“, бидејќи компанијата потврди за „Вараети“ дека му е забранет пристапот до апликацијата.
Во соопштението на компанијата се наведува: „Спроведовме внатрешна истрага и можеме да потврдиме дека Шимон Хајат повеќе не е активен на Тиндер под кој било од неговите прекари“.
Овој човек поминал две години во фински затвор бидејќи измамил неколку жени за значителна сума пари, а по ослободувањето во 2017 година се вратил во Израел, од каде набрзо избегал за да избегне апсење.
Документарецот ја следи Сесили, норвешка студентка која живее во Лондон, а која била во бурна романса со Хајат – наводен милијардер и самопрогласен „Принц на дијамантите“.
Како што нивната врска напредувала, таа открива дека Шимон не е тој што се претставува. Ги здружила силите со другите жртви за да го изведе пред лицето на правдата.