Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 95. седница, на чиј дневен ред ќе бидат еден дел од законите кои ги врати претседателот Ѓорге Иванов.
Пратениците ќе расправаат по Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, поднесен од пратениците Артан Груби, Зеќир Рамчиловиќ, Панчо Минов, Јован Митрески, Џеват Адеми, Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили, Весел Мемеди, Јусуф Хасани, за Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, поднесен од претениците Сурија Рашиди, Јован Митрески, Никола Мицевски, Ејуп Алими, Фадил Зендели, Предлогот на одлуката за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Организацијата на Обединетите нации „УНИФИЛ”, во Република Либан.
На дневен ред се и Законот за ратификација на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Црна Гора за уредување на меѓусебните имотно-правни односи, Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги, Законот за извршување на санкциите, Законот за услуги, Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, Законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Законот за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, Законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди, Законот за практикантство, Законот за изменување на Законот за спортот, Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Дневниот ред е надополнет и со дополнувањето на предлогот на закон за Судскиот совет на Република Македонија, дополнување на предлогот на закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, дополнување на предлогот на закон за инспекциски надзор, дополнување на предлогот на закон за акцизите, сите во второ читање.
На дневен ред се и Барањето за давање на автентично толкување на член 10 став 2 точка 2 алинеа 3 од Законот за судска служба, поднесено од пратеникот Александар Кирацовски, Барањето за давање на автентично толкување на член 23 став 4 од Законот за јавните претпријатија, поднесено од пратеникот Хари Локвенец, Барањето за давање на автентично толкување на член 85 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, поднесено од пратеникот Панчо Минов, Барањето за давање на автентично толкување на член 44 став 1 од Законот за стечај , поднесено од пратеникот Ивана Туфегџиќ, Барањето за давање на автентично толкување на член 102 од Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, поднесено од Советот на општина Битола, Барањето за давање на автентично толкување на член 68 став 3 од Законот за нотаријатот, поднесено од градоначалникот на Општина Центар, Предлогот на автентично толкување на член 117 од Законот за данок на личен доход, поднесен од пратениците Ирена Стефоска, Ивана Туфегџиќ, Павле Богоевски.