Културната понуда на Охрид летово ќе биде збогатена со манифестацијата Летните уметнички ноќи на улица „Самоилова” што во текот на јули и август ќе се одржува секоја вечер во просториите на Културно информативниот центар „Култура 365″.
Заинтересираните уметници можат да се пријават во „Култура 365″, а настанот е осмислен така што секој од нив ќе можат да се претстават со програма и изведба според сопствената замисла.
Иницијатори и организатори на новата културна манифестација се Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо Димоски и Мишо Јузмески, директорот на „Култура 365″.
Културно-информативниот центар „Култура 365″ што во јуни годинава ќе ја прослави осмата година од своето постоење, во своето досегашно дејствување беше домаќин на бројни македонски уметници, но и на творци од Албанија, Романија, Холандија, Словачка, Италија и Црна Гора.
Најновата културна манифестација е во насока на промоцијата на македонски и уметници од други земји, како и збогатување на културниот живот во Охрид со нови уметнички содржини.