Зоран Заев ја загуби поддршката од граѓаните. Toj и Стево Пендаровски се соочени со пораз и ги фаќа паника, порача во изјава пред владата, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што кажа тој, најдобар доказ за тоа е фактот дека Заев се фаќа за последната сламка на спас.
„Зоран Заев сега се фаќа со тоа што најдобро го знае и владее, а тоа е кршење на законите, криминал, корупција, закани, уцени и поткуп, со кои што повторно ќе се обиде да ја изигра и изманипулира јасно изразената волја на граѓаните од првиот круг на претседателските избори“, посочи партискиот портпарол.
Според него, масовно се вршат притисоци врз приватни фирми и врз администрацијата, јавните и други институции.
„Според информациите кои дојдоа до нас, Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска повикале во влада претставници на текстилната индустрија. Јавно прашуваме која е целта на оваа средба во владата и зошто токму после првиот круг кога нивниот кандидат Пендаровски доби црвен картон од граѓаните, се повикани токму во владата? Не очекуваме дека власта ќе признае дека врши притисоци врз приватните компании, но очекуваме надлежните државни институции да преземат соодветни мерки со кои што ќе се спречи криминалното сценарио на власта кое што го подготвува за вториот круг“, истакна Арсовски.
Тој кажа и дека таму каде што власта смета дека може да изнуди глас повеќе за нејзиниот кандидат, следуваат повици да се излезе и масовно да се гласа за Пендаровски, а таму каде што имаат информации дека станува збор за лице кое што не ги поддржува политиките на актуелната, како што рече, криминална власт, тогаш следуваат закани за да не се излезе на гласање.
„Ова сценарио не смее да помине. Ова сценарио е сценарио против Република Македонија и е сценарио против слободната волја на граѓаните“, порача Арсовски додавајќи дека граѓаните покажале мудрост и храброст во првиот круг од изборите и неговата пртија се надева дека истото ќе го сторат и во вториот круг на 5-ти мај.