Филхармонијата заедно со Хорот на Операта вечер од 20 часот, по подолга пауза на македонската сцена, ќе го изведe Реквиемот на Џузепе Верди, кое се смета за едно од најмоќните и најдраматичните дела во историјата на класичната музика.
Солисти на концертот се сопранистката Весна Ѓиновска-Илкова, американската мецосопранистка Елени Матос, корејскиот тенор Дејвид Јунгхон Ким и бас-баритонот Милан Силјанов. Оркестарот ќе го води диригентот Емил Табаков од Бугарија.
– Реквиемот претставува прекрасна фузија од опера, драма, симфонија, од возбудливи, виртуозни соло мигови, од радост и среќа, до патос и тага, од едноставни „реченици” кои ја растоваруваат мислата, до длабока филозофска идеја за чија суштина вреди да се размислува, наведува Филхармонијата во најавата на концертот.
Вердиевиот Реквием е посветен на двајца славни италијански уметници – писателот Алесандро Манцони и композиторот Џоакино Росини. „Само гениј би можел да напише вакво дело!” – изјавил композиторот Јоханес Брамс, а критиката напишала дека „Реквиемот на Верди е дело со ‘најсконцентрирани’ емоции – сите човекови чувства ставени на толку малку страници. Музиката е директна и моќна, вознемирувачка, величествена…”