Вчеравечер во Општина Бутел беше отворена ликовната изложба на делата од осмата ликовна колонија ,,Љубанци 2018“.
Изложбата ја отвори градоначалникот Велимир Смилевски, кој им се забалгодари на уметниците- автори за нивното учество на минатогодишната, осма по ред ликовна колонија. Нагласи дека значајните и убави традиции на Општина Бутел ќе продолжат, а најмладите таленти за ликовна уметност ќе бидат поддржувани, стимулирани и наградувани како што се годинешниве добитници на четирите награди за најубав цртеж.
Посетителите на ликовната изложба можат да видат 30 дела на 18 ликовни уметници, учесници на последната ликовна колонија, што веќе традиционално, се одржува во живописното Љубанци. Станува збор за 27 слики, две скулптури во дрво и една скулптура во мермер.
Автори на делата се Данчо Ордев, Владимир Лазоски, Орце Гогов, Новица Трајковски, Харалампие Манчев, Ристо Андреев, Ели Чочова, Сашо Поповски и други автори од Македонија, како и Владан Ранѓеловиќ, Наташа Радосављевиќ – Нара и Светислав Славковиќ – Кајзер од Србија.
На изложбата беше промовиран специјално подготвениот каталог: ,,Осма ликовна колонија ,,Љубанци 2018,, во кој се претставени уметниците и нивните дела.
На изложбата беа наградени и најубавите четири детски цртежи насликани на ,,Детскиот ден,, во рамките на ликовната колонија.
Изложбата ќе биде отворена до 8 мај.