Манчестер Јунајтед и официјално ја потврди веста дека Бруно Фернандеш потпишал нов договор со клубот. Рокот на договорот е до јуни 2026 година со опција за продолжување на дополнителни 12 месеци.
Според Фабрицио Романо, кој синоќа откри дека договорот е потпишан, Португалецот ќе биде во топ 3 од играчите кои земаат највисоки плати на „Олд Трафорд“.
Сепак, според други извори, платата на Бруно е 240.000 фунти, што го става едвај на седмо место во клубот.
Фернандеш пристигна на „Олд Трафорд“ во јануари 2020 година. Досега за „црвените ѓаволи“ има 49 гола и 39 асистенции на 117 натпревари.
„Од моментот кога дојдов во Манчестер Јунајтед, имам посебен однос со клубот и нашите неверојатни навивачи. Пораснав гледајќи ги натпреварите на Манчестер Јунајтед и сонував еден ден да добијам шанса да играм овде. Овој сон веќе се остварува и за мене е голема чест. Вистинска привилегија е да се носи овој дрес. Најмногу сакаме на навивачите да им го дадеме успехот што го заслужуваат. Најдоброто допрва доаѓа“, изјави Фернандеш за веб-страницата на Манчестер Јунајтед.