Косовскиот премиер Рамуш Харадинај по повод денешниот најавен протест на опозициското Движење Самоопределување (ВВ) против главниот обвинител на Косово Александар Љумези, порача дека „Косово е демократско општество во кое слободата на говор и на протест се гарантирани права”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Харадинај, протестот против корупцијата со барање оставки на носителите на високи државни позиции, претставува граѓанско и политичко право, но е неприфатлив „притисокот од улицата” врз правните институции.
– Косово е демократско општество во кое слободата на говор и на протест се гарантирани права. Протестот против корупцијата со барање за оставки на носителите на високите позиции во системот на правдата, како издвоена власт, е граѓанско и политичко право. Меѓутоа, притисокот од улицата врз правдата е преседан кој не придонесува во нејзиното спроведување, порача Харадинај преку неговиот Фејсбук.
Косовскиот премиер ја повика косовската опозиција да ги искористи институционалните патишта за постигнување на своите цели.
– Движењето Самоопределување, како почитуван парламентарен субјект, го повикувам да ги исцрпи сите политички патишта, да ја искористи собраниската интерпелација, политичките трибини и дебатите со експертите за правниот систем, напиша Харадинај.
ВВ денеска ќе одржи протест против главниот обвинител на Косово, Љумези, со барање за негова оставка, затоа што, според партијата на Албин Курти, тој нема преземено ништо против криминалот и корумпираните власти.