Косовскиот премиер Рамуш Харадинај реагира остро на приведувањето од страна на српската полиција на косовски политичари од српска националност на граничните премини меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
По вчерашното приведување на граничниот премин Бела Земја на членот на Српската либерална партија (СЛС) Срѓан Јовановиќ, Харадинај на денешната седница на Владата предложи контрамерки со забрана на влез во Косово на српските службени претставници.
Тој најави дека одлуката за тоа ќе биде донесена во блиска иднина.
Јовановиќ, кој е советник на Харадинај за прашања на заедниците, е петтиот член на СЛС кој во текот на минатите неколку месеци е запрен и приведен на информативен разговор од страна на српската полиција, по налог на Безбедносната информативна агенција (БИА), објави неговата партија.
– Потсетуваме дека во изминатите месеци (на граничниот премин) во Мердаре беа запрени и испрашувани од полицијата на Србија претседателот Слободан Петровиќ и членовите Бобан Станковиќ, Небојша Јаковљевиќ и Среќко Спасиќ, се вели во соопштението на СЛС.
Партијата вели дека не ги разбира „приведувањата и малтретирањата” на нејзините членови и по петти пат бара „одговор и објаснувања од страна на претседателот (на Србија) Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и шефот на Безбедносната информативна агенција – БИА зошто високи претставници на оваа политичка партија се задржуваат во полициските простории на премините кон Србија”.
– Исто така по петти пат очекуваме конкретна реакција од страна на Европската унија и на сите домашни и меѓународни институции по повод овие малтретирања што им се вршат на припадниците на СЛС, се вели во соопштението.
СЛС е политички опонент на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, која е јавно поддржана од официјален Белград.
Српската листа има 10 пратеници во косовското Собрание, а откако Владата во Приштина ја воведе таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, објави дека ќе дејствува како опозиција. Меѓутоа нејзините министри и заменици министри продолжуваат да ги држат местата во кабинетот на Харадинај.