Централната изборна комисија на Албанија соопшти дека единствената македонска партија во земјата, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) е регистрирана, со што и официјално партијата ќе учествува на јунските локални избори закажани за 30 јуни.
На последните локални избори што се одржаа на 21 јуни 2015 година МАЕИ во трката за градоначалник учествуваше само со еден кандидат и тоа во општина Пустец, додека кандидатски листи за советници имаше во 16 од вкупно 61 општина.
По трет пат Едомонд Темелко ја доби довербата на жителите на општина Пустец и тоа со над 80 отсто од гласовите. Во оваа општина освоени беа и седум советнички места, потоа едно во општина Малиќ и по првпат едно советничко место во општина Подградец.
Според албанскиот изборен законик, едно лице може да биде градоначалник во три мандати што подразбира дека Темелко нема право да учествува во трката за нов градоначалнички мандат исто како и уште четворица негови колеги.
-Засега немаме конкретен став дали и со кого ќе коалицираме. Според изборниот законик, за пријавување на изборна коалиција сеуште има време, потврдуваат партиски извори.
Инаку, освен МАЕИ, комисијата регистрираше уште седум помали политички партии, меѓу нив и „Демократско убедување”, на Астрит Патози, формирана од отцепеното крило на опозициската Демократска партија.