Неодамнешното откритие на вториот по големина дијамант во историјата, што е огромен камен од 1 758 карати, е извонреден наод, но од друга страна, се отвори дебата околу неговата реална пазарна вредност.
Компанијата „Lucara Diamond Corp.“ соопшти дека каменот бил пронајден во рудникот Карове во Боцвана.
Претходниот носител на второто место за најголем пронајден дијамант, беше оној од 1 111 карати наречен Леседи Ла Рона, кој исто така беше откопан во Карове.
Сепак, од компанијата информираат дека новооткриениот дијамант е „речиси скапоцен камен“ со променлив квалитет, што значи дека, кога се во прашање дијамантите, големината на каменот не е од пресудно значење за неговата вредност.
„Покрај големината постојат и неколку други параметри, како на пример неговата боја и јасноста, како и тоа како може да се исече“, изјавил за Си-ен-ен, Роб Бејтс, блогер кој се занимава со индустријата за накит.
„Во случајот на Лесeди, дури и во необработена форма, дијамантот изгледаше прекрасно. Покрај тоа што беше голем, каменот имаше прекрасна боја и јасност“, појаснува Бејтс.
Тоа не е случај и со новопронајдениот дијамант, вели Ерик Емс, трговец со скапоцени камења.
„Од фотографијата може да се забележи дека има слаба јасност. ‘Речиси скапоцен камен’ е термин за кристал кој поседува многу малку квалитети на дијамант“, истакнува Емс.
Единствениот поголем дијамант претходно откопан е оној наречен Кулинан, пронајден во Јужна Африка во 1905 година. Дијамантот од 3 106 карати, на крајот бил исечен на помали камења, од кои некои сега се дел од британските кралски скапоцености.