Сопругата и ќерката на лидерот на исламистичката група одговорна за самоубиствените напади во Шри Ланка се ранети во судир во текот на ноќта во источниот дел на земјата, соопшти полицијата.
Полициски командоси, во заедничка акција со припадници на армијата, доцна навечер во петокот опколиле куќа во Саинтамариту, 364 километри источно од главниот град Коломбо, под сомнение дека во неа се наоѓаат исламисти поврзани со нападите врз цркви и хотели на католички Велигден, во кои според најновите пресметки загинаа 253 лица, откако поради грешка во пребројувањето, властите ја намалија официјлната бројка од првичните 360.
„Да, сопругата и ќерката беа повредени во тој напад“, изјавила Хашим Матани, сестрата на Захаран Хашим.
Откако од куќата бил отворен оган врз специјалците од војската и полицијата, започнала престрелка, а во куќата одекнале три силни експлозии, пренесоа локалните медиуми.
Тела на 15 лица, меѓу кои и на шест деца, пронајдени биле на местото на жестоката ноќна пресметка, соопшти денеска портпаролот на војската.
Пресметката се случува шест дена откако исламистички бомбаши-самоубијци, за време на католичкиот Велигден, убија повеќе од 250 луѓе во напади врз цркви и четири хотели во Шри Ланка.
Властите во петокот потврдија дека Захаран Хашим е еден од напаѓачите кои со бомба се разнел во хотелот „Шангри-Ла“ во главниот град Коломбо.
Захаран бил предвоник на радикализираната група и ширел екстремистичка идеологија во различни делови на земјата. Се смета дека тој е еден од одговорните и за нападите врз будистичките статуи во централна Шри Ланка, кои се случија во декември.