Помалиот фудбалски Ла-лигаш од шпанската престолнина Мадрид, Рајо Ваљекано за кого брани мaкедонскиот репрезентативец, Столе Димитриевски му зеде мерка на славниот градски ривал Реал (3:2) во последниот меч од 13. коло. Ова беше прв пораз во националниот шампионат за актуелниот првак Реал Мадрид.
По сензационалната победа против „кралевите“, македонскиот чувар на мрежата Димитриевски, како што пишува „Sports Brief News“ имал несекојдневно барање до стратегот Карло Анчелоти. Наводно, Димитриевски не сакал да се менува со дресот со некој фудбалер на гигантот од Мадрид, туку го сакал елекот на Анчелоти.
Димитриевски е голем обожавател на тренерот на европскиот шампион и му се восхитува на неговиот стил на тренирање и на неговото однесување со играчите.
Анчелоти е еден од најдобро облечените фудбалски тренери, а елекот стана препознатлив детаљ од неговиот стајлинг. Дали желбата на Столе му се оствари засега не е познато.