Освен што се вози во претседателската лимузина, Владимир Путин често може да се види зад воланот на некои познати возила, па дури и во улога на возач на некое тест возило.
Додека очите на светот се вперени во Украина и се чека нов потег на рускиот претседател, во последно време кај јавноста постои голем јавен интерес за приватниот живот на Путин. Така неодамна официјален Кремљ објави кои возила се наоѓаат во гаражата на претседателот Путин.
Иако западните медиуми често истакнуваат дека приватното богатство на Путин вреди повеќе од 200 милијарди евра, што би го направило еден од најбогатите луѓе во светот, неговиот возен парк е многу поскромен од многу други претседатели на држави. Како и многу други државници, тој има своја колекција на автомобили, но таа е далеку поскромна од тоа што се замислува.
Според списокот на имот што го објави Кремљ, Владимир Путин има гаража од само 18 метри квадратни во која се паркирани три автомобили и една приколка. А автомобилите се далеку од егзотични бидејќи неговиот возен парк се состои од два автомобили – GAZ, поточно М21 Волга и Лада Нива.
Вториот автомобил го купил во 2009 година и го користел за да оди на риболов. Судејќи според фотографиите, се работи за врвна серија која е опремена со бројни уникатни детали како што се, големи бандажи и дополнителна заштита. Исто така, под хаубата се наоѓа мотор на Oпел.
Рускиот претседател несомнено ги сака автомобилите и ја користи секоја можност да ја обиколи домашната автомобилска индустрија. Така, во 2015 година тој лично ја тестираше новата Лада Веста, додека за протоколарни обврски ја избра домашната гордост Аурус Сенат, која е попозната како руски „Ролс-Ројс“.