Украинската државна обвинителка Ирина Венедиктова денеска изјави дека нејзината канцеларија отвора нови случаи против припадниците на руските сили кои наводно извршиле воени злосторства, со вкупно 9.158 кривични предмети.
„Веќе идентификувавме конкретни воени злосторници“, рече Венедиктова, а пренесе Си-ен-ен.
„Во регионот на Киев, на пример, има 15 луѓе, од кои 10 се во Буча. Ги сметаме за одговорни за тортура, силување и грабеж“, изјави државната обвинителка на Украина.
Минатата недела, украинските обвинители именуваа десет руски војници осомничени за воени злосторства во Буча.
Во врска со идентификацијата на жртвите во Буча, Венедиктова рече дека некои тела не може да се идентификуваат и дека се земаат примероци од ДНК.
„За жал, секој ден имаме основа да отвораме нови случаи: страдање на цивили, бомбардирање, депортација на нашите граѓани и деца на окупираните територии и на територијата на државата агресор итн.“, објасни таа.
Венедиктова рече дека случаите се однесуваат на регионите Киев, Чернигов и Суми, додавајќи дека Украина добила меѓународна помош во нејзините истраги.