Итен состанок на министрите за енергетика на ЕУ, Унгарија пак против ембарго за рускиот гас

Министрите за енергетика на Европската унија на специјален состанок во Брисел денеска треба да разговараат за одлуката на Русија да ја прекине испораката на гас за Полска и Бугарија.

Разговорите треба да се фокусираат на тоа како најдобро да се обезбеди европската енергетска безбедност додека се зголемува притисокот да се најдат алтернативни залихи.

Русија во средата ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија, откако двете земји одбија да ја прифатат новата шема за плаќање што ја бараше Москва. Рускиот енергетски гигант Газпром соопшти дека ниту полскиот PGNiG ниту бугарскиот Булгаргаз не го платиле својот гас навреме, ниту во рубли како што сега бараат.

Софија и Варшава, пак, нагласија дека ги исполниле сите договорни обврски. Откако Русија прекина испорака, двете држави добиваат гас од своите соседи, објави Европската комисија.

Неколку лидери на ЕУ ја опишаа одлуката на Русија како „уцена” по усвојувањето на европските масивни економски санкции кон Москва поради инвазијата врз Украина.

Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач изјави дека Будимпешта се противи на какво било ембарго за увоз на руски гас и нафта.

– Ставот на Унгарија кога е во прашање ембаргото за увоз на нафта и гас не е променет: Не го поддржуваме – рече Ковач одговарајќи на прашања на Ројтерс.

ЕУ веќе спроведе забрана за увоз на руски јаглен.

Треба да знаете
Последни објави