Вчера околу стотина цивили беа евакуирани од челичарницата Азовстал, последното упориште на бранителите на разурнатиот град Мариупол, по двомесечна опсада. Се проценува дека во челичните бункери и засолништа има околу 2.000 украински борци и околу 1.000 цивили.
Мариупол беше целосно уништен во двомесечните напади на руската армија.
Една од жените евакуирани вчера разговараше со новинар на „Ројтерс“. Таа рече дека била толку исплашена што мислела дека срцето ќе и’ застане.
Наталија Усманова (37), поранешна работничка во фабрика за челик, рече дека се плашела дека бункерот нема да ги издржи руските бомби.
„Бев ужасно исплашенa. Кога бункерот почна да се тресе, бев хистерична, мојот сопруг може да ви го потврди тоа”, рече Усманова.
„Не сме виделе сонце два месеца“, раскажа таа за медиумите во селото Безимен во регионот Доњецк, кој е под контрола на проруските сепаратисти, на околу 30 километри источно од Мариупол.