Укинати сите рестриктивни ковид мерки, маски само на одредени места

Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во земјава, според надлежните, е стабилна, а активни се 572 случаи. Поради подобрената епидемиолошка состојба, Владата вчера донесе одлука за укинување на сите ковид-мерки, со исклучок на задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби.

– Со заклучок од седницата, Владата ги реафирмира препораките за почитување и практикување на основните превентивни мерки за заштита како што се негрупирање и одржување физичка дистанца, носење заштитни маски на јавни места, посебно во затворен простор кога нема можност за физичка дистанца, како и редовна лична хигиена, проветрување на затворените простории и самоизолација во домашни услови при услови на симптоми на заболувања на респираторниот систем, соопштија вчера од владината прес-служба.

Со заклучоците од седницата на Владата им се препорачува на здравствените домови да ја интензивираат теренската вакцинација на возрасните лица над 80 години заради нискиот опфат со имунизација на оваа старосна група, како и да продолжи вакцинацијата меѓу здравствените работници.
Од Комисијата за заразни болести порачуваат дека вакцинацијата и понатаму останува најдобра и најефикасна мерка за заштита на здравјето на населението. Комисијата на дневна основа ја следи состојбата со КОВИД-19 и како што соопшти претходно Министерството за здравство, доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 21 нов случај на КОВИД-19, од направени 773 тестови во тек на претходните 24 часа, Од новите случаи, во Скопје се 9, Битола 5, Кавадарци и Охрид по 2 и Штип, Кичево и Делчево по 1. Од 71 оздравен пациент од Битола се 21, Скопје 16, Кавадарци и Охрид по 7, Кичево 5, Прилеп и Берово по 4, Куманово 2 и Штип, Кочани, Неготино, Ресен и Демир капија по 1.

Вчера беа регистрирани 71 оздравен пациент, а во текот на изминатите 24 часа немаше пријавено починати лица. Согласно регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој Термин” дополнително се регистрирани две починати лица од Скопје (66г) и Штип (80г). Лицата, кои починале во домашни услови, се регистрирани како починати во периодот од 29.04. до 01.05.2022 година, соопшти Министерството за здравство.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 309.790, бројот на оздравени пациенти е 299 936, на починати е 9 282. Досега во државава се направени  2.023.422 тестирања на КОВИД-19.
И неколку земји од регионот ги укинаа сите ковид-мерки. Од вчера, престануваат да важат сите мерки за контрола и ограничувања за влез на лица во Република Србија, во врска со заразната болест Ковид-19, како за странските, така и за домашните државјани, јави дописникот на МИА од Белград.

– Од полноќ, срспките државјани, како и странските државјани, при влез во Србија нема да бидат обврзани да имаат негативен ПЦР тест, брз антигенски тест, доказ за прележано заболување или потврда за вакцинација, без разлика од која земја доаѓаат во Република Србија, се наведува во соопштението на српската Влада.

Одлуката за слободен влез на српски и странски државјани во земјата, како што образложија, се заснова на моменталната епидемиолошка состојба во Србија и е во согласност со одлуките на повеќето земји во Европа и регионот. Надлежните институции од час во час продолжуваат да го следат развојот на епидемиолошката состојба во Србија и навремено ќе ја информираат јавноста.

Од 1 мај и Албанија ги укина ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот. Според одлуката на Национален комитет за справување со пандемијата, донесена на 26 април, од  денеска за влез во Албанија не е потребна потврда за вакцинација против коронавирусот, негативен тест или потврда за прележана инфекција.Исто така во земјата повторно се отворени ноќните клубови а укината е и забраната за емитување музика по 23 часот во угостителските објекти.  Обврската за носење маска беше укината, но остана препораката за носење маска во затворени простории. 

Во светски рамки, бројот на нови случаи на коронавирус во Шангај продолжува благо да се намалува. Шангај пријави 274 случаи на Ковид преку локална трансмисија, како и 5.395 локални асимптоматски случаи, соопшти вчера општинската здравствена комисија. Пвеќе од половина од жителите на Шангај живеат во помалку ризични „превентивни области” според најновото прилагодување на градот на неговата тристепена класификација на ризичните области во однос на Ковид-19.

Од неделата, над 15,1 милиони жители, или околу 60 отсто од постојаното население на градот, живеат во зони на претпазливост без извештај за инфекции во текот на изминатите две недели, според Жао Дандан, заменик директор на здравствената комисија. Од другите, 2,76 милиони жители се во зони на заклучување (локдаун) и 5,51 милиони во контролирани зони, каде сè уште се спроведуваат строги мерки за контрола на епидемијата врз основа на резултати од тестови. Многу населби, кои припаѓаат на зоните на претпазливост од 1 мај дозволуваат едно лице по семејство да ја напушти заедницата, но не повеќе од четири часа дневно.

И кинеските власти подготвуваат болнички капацитети во Пекинг во случај на нов бран на епидемија на коронавирусот, иако бројот на новозаразени е сè уште низок. Државните медиуми вчера  објавија дека болницата со 1.000 кревети во Сјаотангшан во североисточното предградие на Пекинг, која е изградена во 2003 година за лекување на лица заразени со САРС, била обновена во случај да се појави нов бран на инфекција на Ковид-19.

Во изминатите 24 часа во Пекинг се потврдени уште 62 новозаразени лица, од кои 11 не покажуваат симптоми на инфекција. Во текот на двонеделниот бран од избивањето на епидемијата во главниот град на Кина се евидентирани околу 450 нови случаи.

Треба да знаете
Последни објави