По најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за блокада на Собранието, претседателот на парламентот Талат Џафери во изјава за „Слободен печат“ вели дека ќе постапува според собранискиот Деловник, дека нема војна да прави, ниту пак, е учител, а пратениците ученици за да им става петки и единици, туку дека секоја партија е одговорна за своето дејствување пред граѓаните, а тие, на избори предвремени или редовни ќе ценат кој работел за интересите на државата и на граѓаните.
-Собранието постапува според Деловникот, ако има амандмани ќе видиме како ќе поминат законите на комисиите, ако има филибастеринг, колку може пратениците да зборуваат, еве 120 пратеници по 10 минути ќе зборуваат. Ќе видиме или ќе се отвори расправа на пленарна седница или не. Јас ќе работам според Деловникот, нема војна да правиме, ќе видиме како ќе тераат. Не само Собранието, треба и други институции да размислуваат за последиците, бидејќи во таков случај не станува збор само за блокада на Собранието туку и на државата – вели Џафери.