Сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“ на авторот Мирко Трајановски и илустраторот Кристијан Јованоски, во издание на „Софија“ – Богданци е добитник на третата награда за најдобро ликовно–графичко уредено издание во рамки на годишните признанија што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). „Волшебното патување на Простор и Време“ e возбудлива авантура со силна порака за важноста на читањето, пренесена и преку приказната и преку илустрациите.
„Избрав класична сликарска техника, затоа што сметам дека таа е основата за секој уметнички израз, а е блиска до децата и нивната креативност. Перспективата е во креирањето на ликовите и во играта со формите. Силно ја користев и лазурноста на акварелната техника за да добијам одредена леснотија во доловувањето на мотивите и просторот“, објаснува илустраторот Јованоски, кому ова му е втора сликовница.
Делото зборува за тема особено важна за децата денес, а истовремено им се обраќа на начин каков што е најпримамлив за детската публика – преку многу фантазија. Тоа е приказна за тажното детство без книга в рака.
„Книгата колку е за деца, толку е и за нас возрасните. Во време кога технологијата лесно нѝ го заробува вниманието, мислам дека е од исклучително голема важност да им ја доближиме литературата на децата, да ги научиме за важност на раскажувањето приказни, а нема подобар начин за тоа од фантазијата“, вели авторот Мирко Трајановски.
„Сликовницата, како и книгата-сликовница за деца има неколку функции кои одговараат на потребите за воспитување и образување во преучилишната и училишната доба. „Волшебното патување на Простор и Време“ може да се окарактеризира како интерактивна и донекаде како проблемска сликовница. Но, таа ја носи и искуствената и забавната функција“, ќе запише проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска во рецензијата за книгата обајвена на Умно.мк.
Графичкото решение на сликовницата е на дизајнерката Емилија Ќипроска и Маркетин агенцијата Ефектива. „Волшебното патување на Простор и Време“ е прва сликовница во едицијата „Џагор“, посветена на детската уметничка сликовница. Издавачката куќа „Софија“ ја покрена специјализираната едиција во јубилејната триесетта година од своето постоење како печатарски и издавачки центар.