Бугарија ќе поправа украинска воена опрема, но нема да им испрати оружје

Бугарија ќе ја поправа украинската воена опрема, одлучи бугарското Национално собрание, кое, сепак, не даде согласност да испорака на оружје во Украина.

Парламентот ѝ дава дозвола на владата да преземе мерки за хуманитарна, финансиска и воено-техничка помош за Украина, објави претседателот на Народното собрание, Никола Минчев, наведувајќи ги видовите на поддршка вклучени во одлуката:

„Континуирана поддршка за членство на Украина во Европската Унија, помош за украинските граѓани што бегаат од војната, обезбедување можност за извоз на украинско жито во Варна, зајакнување на енергетската соработка, особено снабдувањето со електрична енергија од Украина и природен гас, работи за поправка на украинската воена опрема во воените претпријатија на Република Бугарија и продолжување на испораката на хуманитарна помош, особено лекови, облека и прехранбени производи“, рече Минчев.

На одлуката претходеше жестока расправа, која траеше повеќе од 6 часа.

Од трите поднесени предлог-резолуции, Народното собрание го усвои предлогот на Промената продолжува со гласови на 200 пратеници.

Во пракса, усвоениот текст ги содржеше барањата на украинскиот амбасадор во Бугарија, кој рано утринава испрати писмо до бугарскиот парламент. Така воената помош се трансформира во поправка на украинската воена опрема во фабриките во Бугарија, пишува „бнр.бг“.

Пред парламентот се одржаа протести и контрапротести. Додека едните повикуваа на неутралност и порачаа дека не треба Бугарија да учествува со каква било форма на воена помош, другите бараа да се поддржи одлуката за воена помош.

Треба да знаете
Последни објави