Кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска Давкова, денеска е во посета на Кичево, при што даде и кратка изјава.
Сиљановска истакна дека гласовите на граѓаните од Кичево, за неа имаат посебно значење.
„Без оглед на националната, етничката, верската или друга припадност овдешните гласови имаат посебно значење за мене, веќе кажав дека Кичево е градот на моите прадедовци, дедовци и родители, Кичево е градот и на моите албански побратими“, појасни таа.
Очекува кичевчани да се одважат и да гласаат по свое, а не така како што ќе им кажат партиите.
„Се обраќам до кичевчани, како до граѓани и потенцирам дека гласот за мене значи глас за владеење на правото. Во таков град и во таква држава сите повторно без оглед на етничката, расна и верска припадност, социјално и друго потекло ќе имаат еднакви шанси. Оставам на кичевчани да решат, меѓутоа ги потсетувам дека овие гласови имаат посебна емотивна, а не само политичка вредност за мене“, нагласи Сиљановска која додаде дека не мора да е Македонија само на Македонците, туку Македонија е татковина и на Албанците и на Турците и на Ромите и на Власите и на Бошњаците, на сите оние кои се родени тука и ја чувствуваат земјата како своја.