Денеска започна најголемата еко-акција досега „Генералка викенд 2022“, во која денеска и претстојниов викенд во 26 општини ќе се реализираат големи акции за чистење.
Градот Скопје, заедно со јавните градски комунални претпријатија со поддршка на Општина Кисела вода и Општина Гази Баба, со над 200 волонтери кои се дел од акцијата за чистење на планината Водно, во која се собира отпадот од врвот, пешачките патеки и падините на планината.
Чистењето на Водно се врши од 09:00 часот до 14:00 часот. Со оваа еколошка акција се постигнува двоен ефект, односно за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце.
За сите учесници во акцијата „Генералка викенд“ се обезбедени кеси за отпад, ракавици и налепници, а волонтерите ќе бидат поделени во неколку групи за да опфатат што е можно поголем број локации на планината. Една група ќе се кажува кон врвот на Водно и ќе ја чисти пензионерската патека до Средно Водно, друга група ќе го чисти асфалтниот пат, трета група потегот од Средно Водно до полициската станица – пешачката шумска патека, а четврта група на Средно Водно ќе ги чистат паркинзите, просторот под телескопот, паркчето со фитнес справи и кај црквата. Групи на волонтери ќе чистат и на потегот кон Матка (еден километар), видиковецот, потегот кон Горно Соње и околу крстот.
Oваа акција за чистење на отпадот и создавање еколошки одржлива иднина треба да прерасне во традиција, а напорот вложен во собирањето на отпадот секоја година да резултира со што поголем број засадени дрва.
Градот Скопје секогаш ќе подржува иницијативи за вакви еколошки акции за почисто и поубав град за сите скопјани.