Албанија е заложник на спорот меѓу нашиот сосед Северна Македонија и Бугарија, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на Конференцијата на претседателите на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во Тирана.
Рама рече дека нема друго решение освен трпение на овој пат и изрази загриженост за многуте проблеми со процесот на евроинтеграции.
– Процесот кон ЕУ е невротичен процес. Албанија е заложник на ќорсокакот меѓу нашиот сосед, Северна Македонија и Бугарија. Тоа е една од оние ситуации што ЕУ може да ги создаде. Нема книга и искуство, ниту какво било објаснување како може да се третира. Како можеш да останеш заложник на споровите меѓу двете земји. Но, еве тоа е -како што велеше Доналд Трамп. Не смееме да го изгубиме трпението и желбата за Европа, рече меѓу другото Рама во своето обраќање.
Истакна дека Европа е во секој план на Албанија и е првиот слободен избор на неговата земја, бидејќи „досега сме биле под власта на различни империи против нашата волја”.
– Целта на Албанија е да ја промовира соработката и мирот во Европа. Во нашите планови нема друга алтернатива освен Европа имаме многу да му дадеме на регионот бидејќи проблемите можат само да создадат поделби, порача Рама.
На Конференцијата учествува и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.