Повеќе од 200 волонтери од Град Скопје, јавните градски претпријатија, Пивара Скопје, Пакомак, Мен енд Маунтен и амбасадите на САД, Швајцарија, Велика Британија и Холандија денеска во акција за чистење на патеките, местата за рекреација и паркинзите на Водно, како дел од најголемата еколошка акција за чистење на зелениот штит на Скопје. Ефектот од оваа акција е двоен – за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце.
„Сакам да се заблагодарам на сите партнери кои помагаат да ја реализираме оваа фантастична иницијатива. Пред сè, тука се претставниците на приватниот сектор кои ја покренаа оваа иницијатива и со кои ќе постигнеме Водно да биде почисто и поубаво место за скопјани. Сакам да се заблагодарам и на претставниците на дипломатските претставништва и на сите оние кои активно се вклучија во денешните активности. Денешната акција е навистина посебна затоа што во неа се вклучуваат 100 волонтери од приватниот сектор и од организациите кои се активно вклучени во овој проект, но и 100 волонтери од Градот Скопје, од средните училишта на Град Скопје, од комуналното претпријатие и волонтери кои доаѓаат од општините Гази Баба и Кисела Вода кои преку своите јавни претпријатија придонесуваат Водно да го исчистиме во интерес на сите граѓани“, рече градоначалничката Данела Арсовска, на стартот на денешната акција за чистење.
Таа упати апел до граѓаните да придонесат за чиста природа без отпад кој треба соодветно да се собира, депонира и рециклира. Неопходно е, нагласи Арсовска, да се подигне свесноста на граѓаните дека оваа природа е природниот штит на градот Скопје.