Георгиески: Фабриката за лаги на ВМРО-ДПМНЕ пуштена на најако
По катастрофалниот пораз во првиот изборен круг во Охрид, фабриката за лаги и измами сместена во Белата Палата во Скопје е пуштена на најјако, изјави на прес конференција кандидатот за градоначалник на СДСМ Константин Георгиески.
-Ништо ново, ништо неочекувано. Нова е само “марионетата„ која треба да отстатира улога на кандидат за градоначалник. Тоа е добро позната стратегијата на врхушката. Лаги, дисквалификации, жолч, пизма.Не издржаа и го испоганија и најголемиот Христијански празник! Па на ден Велигден новата марионета зборува за ѓаволи. Ѓаволите ќе си дојделе по своето. Ама барем за ова е во право, ѓаволите си дојдоа по своето. Си дојдоа и во 2017 и пред 10 дена и ги протераа од Охрид профитерите од режимот на ВМРО ДПМНЕ. – рече Георгиески.
Охриѓани, рече Георгиески, одлучија сами да решаваат за својата иднина и судбина а не истата да ја оставаат во рацете на теледиригирани проектили и читачи на соопштенија напишани во Белата Палата во Скопје.
-Ама ајде, колега да ја кажеме вистината, оти нели таа беше како шило. Врти, врти и ќе излезе на површина. Па да одиме по ред:
ПРВО Раздолжувањето на општината не било по заслуга на општината и не било со општински пари туку со пари од народот! Две безобзирни лаги и една недоречена вистина. Да, точно е дека тоа се народни пари. Сите пари се народни Митре.
И овие со кои се раздолжуваме и оние со кои се правени Бели Палати. Не се народни само парите од душманските кредити за стиропорно Скопје со кои на сите нам и на нашите деца ни врзавте камен околу врат Прашањето е Митре, зашто твоите не го раздолжуваа Охрид? Охрид од нив во 11 години доби САМО шетање со белосветски преваранти и потсмев на државно и меѓународно ниво.
Дури ни едно парапетче околу езеро не направија… Фала Богу.
ВТОРО Општината асфалтирала, ставала бекатонки. Замислете скандал?!
Вистината е дека и Државната изборна комисија ви кажа дека работите кои се изведуваат се во согласност со планот и динамиката за работа и како такви не се спротивни на Изборниот законик. Искрени охриѓани, па дури и не толку искрени, ама сепак охриѓани, би биле среќни што во Охрид се работи како никогаш претходно. Ама не се среќни само во Белата палата на режимот во Скопје за кои Охрид е монета за поткусурување.
ТРЕТО Митре ќе го средувал урбанистичкиот хаос?!
Вистината е дека хаосот што го наследивме во сите сфери на делување е резултат на режимското владеење на твоите. Па висок функционер на ДПМНЕ со охридско потекло на драматична прес конференција и соопшти на јавноста дека носеле закони за бизнис интереси на високи функционери на ДПМНЕ.
ЈАС како в.д Градоначалник во континуитет носам законски решенија и одлуки со кои во рамки на своите ингеренции ја намалувам штетата од долгогодишните штетни политики на ДПМНЕ диригирани од корумпираното криминално здружение.
Она што се факти е дека општината:
На 22.02 2019 год Донесе решение за поништување на одобрението за градење на хотелот во Лагадин заведено под УП.1 БР.20-3852 издадено 05.12 2016
На 25.03 2019 год донесе Решение за отстранување на градба кај Чинарот заведено под УП 1 бр.36-155 во Дневник бр.12/19
Дивоградбите се голем и стар проблем за Охрид. Митре тоа многу добро го знае. Па затоа го повикувам јавно и недвосмислено да одговори пред охриѓани дали и тој градел на диво и бил или е сопственик на диваградба? – објасни Георгиески.
Тој ја критикуваше кампањата со која се подгреваат меѓуетнички и меѓуверски тензи, посочувајќи дека тоа се евтини политички поени кои може скапо да чинат.