Либерално Демократската Партија се залага за целосно изедначување на статусот на работниците во приватниот сектор, со статусот на вработените во државните институции, изјави на прес-конференција, претседателката на Форумот на жени на ЛДП и пратеничка Јулиана Николова.
Таа најави дека за оваа цел, ЛДП подготвува измени на Законот за трговија, кој ќе обезбеди неделите и празниците да бидат неработни за сите вработени во трговијата на мало, како што се продавниците, дуќаните и големите трговски центри, но и за вработените во трговијата на големо.
„Сметаме дека поминувањето на повеќе време со семејствата е од големо значење за квалитетот на животот на поединецот, како и за целото општество. Измените што ги предлагаме ќе придонесат за подобрување на условите за работа во приватниот сектор, за сметка на атрактивноста на државната администрација.
Нa овој начин ќе се зголеми продуктивноста на работниците, ќе се намалат обврските и трошоците на работодавачите, но и ќе се оневозможи нелојалната конкуренција“, рече Николова.
Таа рече дека предлогот доаѓа од Форумот на жени на ЛДП, бидејќи најголем дел од вработените во трговија се жени, за кои, со оглед на семејните обврски, слободната недела и празниците се од исклучително значење.
„Со оваа предлог измена се следи трендот на развиените европски земји, кои одат чекор подалеку и гарантираат соодветна рамнотежа помеѓу работните обврски и семејството. Овој принцип веќе го имаат воведено Германија, Австрија, Швајцарија и многу други земји членки на Европската унија.
Либерално демократската партија за овој законски предлог, кој наскоро ќе влезе во собраниска процедура, очекува поддршка од колегите пратеници и од владејачкото мнозинство и од опозицијата“, додаде Николовска.