Како парламентарно мнозинство и како Влада во изминатите речиси две години активно работиме на унапредување на условите за работа и вистинско вреднување на трудот на сите работници, изјави на прес-конференција, Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ и коалицијата.
„Една од првите мерки во таа насока беше зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари за сите стопански гранки. Само со оваа мерка околу 90.000 работници денеска добиваат повисоки плати, повеќе пари завршуваат кај работничките семејства. Истовремено, ја исправивме неправдата кон вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија кои со години добиваа пониска минимална плата“, рече Шахпаска.
Додаде дека минималната бруто плата од април оваа година се усогласува согласно Законот за минимална плата и се зголемува за 3,3 проценти и сега изнесува 17.943 денари, односно 12.507 денари нето. Таа истакна дека политиките на СДСМ се во насока на ново зголемување на минималната плата, што би се случило наскоро.
„Изминатите две години растат платите во сите сектори, а тоа продолжува и годинава. Вработените во здравството, образованието, детските градинки, полицијата, одбраната, културата добиваат зголемување на платите од 5 отсто, додека докторите специјалисти добиваат зголемување од 10 отсто. Со најновите измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување коишто се на сила исправаме една голема неправда за рударите коишто работат под земја, со тоа што од почетокот на годината тие може да оствратат право на старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Со овие измени во првите три месеци од годината право на пензија остварија околу 54 рудари“, рече Шахпаска.
Додаде дека исправена е и неправдата кон стечајните работници, па денес над 10.000 стечајни работници добиваат месечен надомест од 7.596 денари.
Покрај платите растат и пензиите, вели Шахпаска.
„Просечната пензија од 2017 година до денес пораснала за 826 денари. Од 13.754 на крајот на 2016 година, на 14.580 денари во март 2019 година Во меѓувреме, продолжуваат активностите за подобрување на условите за работа, а веќе се работи на ревидирање на Законот за безбедност при работата за да имаме мотивирани и заштитени работници“, додаде пратеничката која упати честитка по повод 1 мај – Меѓународниот ден на трудот!