ВМРО-ДПМНЕ бара итна собраниска седница за законите за намалување на акцизите за горивата и на ДДВ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, денес поднесе барање до претседателот Талат Џафери, за закажување итна седница на која на дневен ред ќе се најдат законите коишто ги поднесовме до Собранието, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тoj објасни дека се работи за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност и Предлог законот за изменување на Законот за акцизи.

„Бараме оваа седница да биде свикана што е можно поскоро со оглед на тоа што секоја помината минута, откако Владата реши да не ги продолжи антикризните мерки за горивата и основните продукти, претставува невидена голгота за граѓаните. Нашите граѓани страдаат. Нашите граѓани се доведени до ситуација да очекуваат некој нешто да преземе бидејќи со ситуацијата во која Владата ги стави граѓаните тие можат да преживеат одвај една недела, а не цел месец“, рече Мицевски.

Владата, вели тој, знаејќи каква штета ќе предизвика со укинувањето на антикризните мерки, предизвика вртоглав раст на цените на горивата и основните продукти и додека многу влади во далеку поразвиени држави воведуваат дополнителни мерки за нивните граѓани да не трпат големи загуби, нашата Влада и Димитар Ковачевски мува не ги лази за граѓаните, обвини Мицевски.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Обнова за Македонија’ вчера поднесе два закона со кои акцизата за горивата ќе се преполови и ќе се даночат со стапка од 5%, наместо моменталните 18%, а прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на 2022“, додаде тој и го повика собраниското раководство веднаш да ја закаже итната седница.

Ја повикуваме Владата и парламентарното мнозинство да застанат на страната на граѓаните, заедно да ги донесеме овие закони кои ќе бидат големо олеснување во оваа кризна ситуација бидејќи ситуацијата секој ден станува сè полоша и полоша и мора итно да се дејствува, порача Мицевски.

Треба да знаете
Последни објави