Стопанската комора на Северна Македонија и Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ организираат тркалезната маса на која ќе се дискутираат неколку теми поврзани со Предлог законот за инсолвентност, раните знаци за предупредување за настанување на инсолвентност и можностите за поефикасно преструктуирање, предоговарање и задржување на добрите деловни односи со партнерите со помош на медијацијата.
Фокусот ќе биде ставен на посткризното КОВИД 19 заздравување на економијата – предизвици и изнаоѓање нови алатки и можности за помош на фирмите, со вклучување на медијацијата и на новите процедури предвидени со новиот Закон за инсолвентност.
Првата тема се однесува на новите постапки предвидени со Предлог законот за инсолвентност во насока на нови можности за фирмите за изнаоѓање на излез и решавање на проблемите произлезени од економската криза предизвикана од здравствени, воени и други фактори.
Во контекст на Предлог законот за инсолвентност ќе бидат преставени двете постапки кои имаат за цел да им помогнат на претприемачите навремено да пристапат кон разрешување на идните финансиски потешкотии кои долгорочно можат да предизвикаат инсолвентност. Тоа се постапката за превентивно преструктуирање и предстечајна реорганизација.
Втората тема се однесува на раните знаци на предупредување за настанување на инсолвентност на друштвата, како и на новините вградени во Предлог законот за инсолвентност.
На тркалезната маса ќе се говори и за можноста за вклучување на медијацијата која им се нуди на располагање на фирмите како алатка во борбата на посткризно заздравување на економијата преку брзо и ефикасно решавање на одреден спор.