Пјер Астие е особено важен за нашата литература зашто го застапуваше Гоце Смилевски при пробивањето на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во светот
Наша чест е да ви го најавиме седмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, кој ќе се одржи од 19 до 22 мај во Скопје. На фестивалските денови, кои ќе се одвиваат на неколку локации во Скопје, ќе гостуваат еминентни писатели од регионот, а Скопје повторно ќе биде место каде што авторите и издавачите ќе можат да се сретнат.
Еден од гостите на фестивалот, во рамките на програмата „Скопје фелоушип“ ќе биде Пјер Астие, литературен агент и уредник во литературната агенција „Астие-Пеше“ (Astier-Pecher) од Париз. Астие е особено важен за нашата литература затоа што го застапуваше Гоце Смилевски при пробивањето на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во светот. Астие, на пример, книгата ѝ ја продаде на издавачката куќа „Пингвин“, која ги има авторските права за англиски јазик, но и во дваесетина други земји.
Астие е добитник на Наградата за исклучителност што ја доделува Лондонскиот саем на книгата (LBF Excellence Award) за 2019 година за најдобар интернационален агент. Ова признание важи за највисоко во светот на литературните агенции.
Тој и другите членови на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со писатели и со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.
Во 2006 година заедно со Лор Пеше ја основал меѓународната агенција „Астие-Пеше“.
Тој е претставник на различен спектар на француски и други автори (фантастика и друго), се занимава со откривање нови таленти, уредништво, продажба на литературни и филмски права за објавување низ целиот свет. Во 2015 година агенцијата го назначи Жером Бушар да биде одговорен за сите делови од Азија, а потоа во 2017 година и Натали Вилена за подрачјата на кои се зборува шпански и португалски. Се очекува наскоро едно лице да биде задолжено за Африка и уште едно за Централна и Источна Европа.
– Од самиот почеток на агенцијата, иако моравме да ја ограничиме нашата активност и да ги претставуваме само француските автори, бевме убедени дека во т.н. мали европски јазици се напишани брилијантни приказни и постојат одлични автори. Агенцијата стана целосно интернационална со македонскиот автор Гоце Смилевски и турската авторка Асли Ердоган во 2008 г. Огромниот успех на двата автори ни го отвори патот кон нов развој. Денеска, со седиште во Париз, на распаќето на различни влијанија (источни, јужни, северни), имајќи ја можноста да работиме со различни читатели и преведувачи на ИНАЛКО (Училиште за мали јазици), агенцијата е целосно меѓународна – изјавува Астие за македонските медиуми.
Астие режирал повеќе кратки приказни во 2007 година („Минијатури“) во издание на „Мегелан енд си“ во Париз. Досега се објавени 40 тома.
Во 1988 година Астие го основа тримесечното списание за кратки есеи и приказни „Ле серпан а плум“. Во 1993 година ја основа издавачката куќа „Ле серпан а плум едисион“. Објавени се вкупно пет збирки: француска фантастика, странска фантастика, мотиви (изданија со мек повез), музика, есеи и документи.
Астие издал и учебник за настава и обука, а бил и координатор на изложбите во центарот „Жорж Помпиду“ и Палацо Граси во Венеција, галеријата „Карл Флинкер“ (Париз).
Фестивалот „Про-За Балкан“ наскоро ќе го објави и името на лауреатот, а целосната програма веднаш по Саемот на книгата.