Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера” од Скопје го објави романот „Ги изеде дождот” на Жарко Милениќ, а во превод од хрватски јазик на Анета Пауноска.
Според хрватскиот критичар Зоран Маљковиќ, романот е духовит и забавен.
– Дијалозите се многу реалистични и повеќето од нив може да се сместат во т.н. секојдневни приказни. Ликови (обично со постапките) се многу мунициозно опишани и така доближени до потенцијалниот читател. Структурата на романот е прилично динамична, се менуваат сосема куси раскажувачки отсечки во кои истовремено доминираат духовитоста и иронијата. За реалноста во романот на Милениќ може да се каже дека е повеќе искривена отколку фантастична…, пишува Маљковиќ.
Жарко Милениќ (1961, Брчко, Босна и Херцеговина), магистрирал руска книжевност и компаратистика на Националниот истражувачки универзитет во Москва, каде е докторанд. Живеел во Осиек и Риека, а сега живее во Брчко и во Москва.
Автор е на повеќе од триесет прозни дела, повеќето романи, четири книги со раскази, исто толку стихозбирки, како и на две книги со критички текстови, една есеистичка, а приредувач е на антологиски и тематски избори. Автор е и на радиодрами. Негови дела се преведени на македонски, украински, ерменски, руски, француски и англиски јазик. На македонски јазик се објавени „Од училиште до дома” (раскази), „Заедно” (роман), и Антологијата на хрватски научно-фантастични раскази, чиј приредувач е тој. Се занимава и со преведување – преведува од англиски, македонски, руски, бугарски, словенечки и украински јазик. Наградуван е во БиХ, Хрватска, Македонија, Ирак и во Кина.