Џо Роган вети дека ќе се обиде да понуди поизбалансирани ставови во неговиот подкаст, откако беше критикуван од рок-легендите Нил Јанг и Џони Мичел дека помага во ширењето на дезинформации за Ковид.
Како резултат на ова, канадските музичари побараа нивната музика да се повлече од стриминг-платформата „Спотифај“ во знак на протест против подкастот на Роган.
Некои медиуми објавија дека „Спотифај“, наводно, загубил 2,1 милијарди долари во период од три дена минатата недела, откако рок-легендата Нил Јанг ги тргна своите песни.
„Неодговорните луѓе шират лаги кои чинат животи. Се солидаризирам со Нил Јанг и глобалните научни и медицински заедници за ова прашање“, напиша Џони Мичел, најавувајќи дека нејзината музика повеќе нема да се стримува на „Спотифај“.
Во меѓувреме, гигантот за аудиостриминг соопшти дека работи на додавање советодавни предупредувања на секој подкаст кој се однесува на Ковид-19.
Водителот Роган ѝ се извини на компанијата и вети дека ќе се потруди неговиот подкаст да биде подобар.
Во речиси 10-минутното видео на Инстаграм објавено во понеделникот, Роган вели дека ќе се труди да привлече луѓе со различни мислења во својата емисија, која во просек има 11 милиони слушатели по епизода.
Голем дел од контроверзите се однесуваат на две неодамнешни епизоди во кои беа претставени кардиологот Питер Мекалоу и имунологот/виролог Роберт Мелоун. И двајцата експерти изразија гледишта кои се спротивни на главните информации што ги дава Центарот за контрола и превенција на болести (CDC).
Роган негираше дека шири дезинформации. „Никогаш не се обидувам да постигнам нешто со овој подкаст освен да разговарам со луѓе. Апсолутно го поддржам планот на ‘Спотифај“ на почетокот на контроверзните епизоди да стои известување, односно изјава за одрекнување на одговорност за искажаните ставови.“
„Моето ветување до вас е дека ќе дадам се од себе да ги избалансирам овие контроверзни гледишта со мислења на други луѓе за да можеме да најдеме подобра точка на гледиште“, рече тој, додавајќи дека не му се лути на Нил Јанг ниту на Џони Мичел. „Напротив, јас сум голем љубител на нивната музика.“
Во неделата, извршниот директор на аудиостриминг-платформата „Спотифај“, Даниел Ек, вети дека нови предупредувања ќе ги пренасочуваат корисниците до центар за податоци и факти за коронавирусот.