Во време кога Мицкоски бил советник за енергетика во владата на Груевски, а Димовски извршувал висока функција во Министерството за транспорт и врски, нивната фирма „Енерготек“ ДОО Скопје од тогашната влада добива 33.000 квадратни метри државно земјиште за изградба на хидроцентрала. Тоа е класичен судир на интереси, рече Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник.
„Дополнителен сомнеж отвора фактот што фирмата ‘Енерготек’ ДОО Скопје преку конзорциумот ‘Минка енерготек’ ДОО Скопје, по само два месеца од отворањето, добива концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроцентрала. Државната комисија за спречување корупција треба да постапи по допрен глас и да го истражи ова основано сомнение за судир на интереси. Како и на кој начин токму Мицкоски и неговата компанија добиле бизнис со хидроцентрали? Особено е важно да се утврди дали во овој случај постои судир на интереси имајќи предвид дека двајца од сопствениците, Мицкоски и Димовски, биле високи државни службеници во времето кога добиваат бизнис со хидроцентрали“, рече Костадинов.