Делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) предводена од Мари-Кристин Далоз (француската пратеничка од Републиканците-Народни партии) ќе го набљудува Вториот круг од претседателските избори, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Делегацијата на ПССЕ ќе и се приклучи на делегацијата на парламентарното собрание на ОБСЕ и на ОДИХИР.
Делегацијата во својата програма има предвидено да се сретне со претседателските кандидати и претседателот на ДИК пред набљудувањето на изборите.
За првиот круг од изборите, делегацијата на ПССЕ оцени дека тие „беа добро раководени, а основните слободи на собирање и изразување беа почитувани, а денот на изборите беше мирен, уреден и транспарентен“.
Сепак, според паневропската асамблеја, сé уште е многу потребна, сеопфатната изборна реформа. ПССЕ притоа побара „конструктивниот” пристап да продолжи и во вториот круг и пошироко, со донесување на кохерентен изборен закон и со решавање на долгогодишните предизвици “.
Една од забелешките е направена за автоматското исклучување на гласачите врз основа на документите чиј рок на важење е истечен , што создаде „неразумна бариера” од која беа погодени околу 11.000 граѓани. Иако беа забележани подобрувања во точноста на избирачкиот регистар, треба да се разгледаат разликите меѓу државните бази на податоци и различните формати на податоци.