Администрацијата на Трамп имала постигнато договор со војската на Венецуела дека претседателот Николас Мадуро ќе биде уапсен за време на обидот за државен удар неделава, објави шпанскиот весник АБЦ, цитирајќи извор во Советот за национална безбедност на САД.
Вашингтон го постигнал договорот со венецуелскиот министер за одбрана, Владимир Падрино Лопез, во телефонски разговори спроведени во текот на изминатите неколку месеци.
Падрино, заедно со другите министри и генерали, наводно го прифатил договорот подготвен од самопрогласениот вршител на должноста претседател Хуан Гуаидо. Овој план ќе вклучува повик за нови избори во рок од еден месец – едно од главните ветувања на Гваидо – и признавање на Гуаидо за легитимен и привремен шеф на државата.
За возврат, претседателот на Врховниот суд за правда, Мајкел Морено, сојузник на Мадуро, наводно планирал да го прогласи за нелегално Собранието, паралелен законодавен дом лојален на Мадуро оформен со претседателски декрет во 2017 година во спротивност на Националното собрание што го оформи опозицијата.
Овој потег, според извештајот, законски ќе ѝ дозволи на војската да го извести Мадуро дека треба или да ја напушти земјата и да оди во Куба или ќе биде уапсен со судски налог.
Договорите требало да бидат потпишани во воената база „Ла Картота“ во Каракас, од каде што во вторникот Гуаидо ги повика вооружените сили и граѓаните да се приклучат во, според него, последниот притисок за соборување на Мадуро.
Сепак, неговиот обид за државен удар не доби доволно поддршка за за да го собори претседателот, по што военото раководство ѝ изрази поддршка за владата.
Според АБЦ, официјалните претставници на Белата куќа не знаат што се случило во вторникот, но некои извори веруваат дека пучот бил осуетен од Падрино, кој се повлекол во последен миг. Патем, американскиот специјален пратеник во боливариската република, Елиот Абрамс, во средата рече високи функционери од Венецуела кои претходно преговарале за заминување на Мадуро, ги исклучиле своите мобилни телефони.
Мадуро во четвртокот се состана со високи воени функционери, повикувајќи ги да отстапат од каква и да е идеја за државен удар.
„Никој не може да се плаши – сега е час за одбрана на нашето право на мир”, рече тој на церемонијата на која присуствуваа околу 4.500 воен персонал.
Генералот Падрино, кој исто така присуствувал на настанот, рече:
„Дојдовме да ја потврдиме нашата лојалност за врховниот командант на вооружените сили, кој е нашиот единствен претседател, претседателот Никола Мадуро”.