Пекинг може да создаде повеќе воени бази низ светот за да ги заштити своите инвестиции во својот амбициозен проект Belt and Road Initiative (БРИ), објави Пентагон во извештајот за кинеската војска и безбедносните случувања наменет за Конгресот, пренесува „Спутник“.
Кина во моментов има само една воена база во Џибути, а новите локации би можеле да го вклучат Блискиот Исток, Југоисточна Азија и западниот Пацифик, посочува извештајот.
„Напредокот на Кина на проектите како што е иницијативата Belt and Road најверојатно ќе го поттикне создавањето воени бази во странство преку согледување на потребата да се осигура безбедноиста за проектите на БРИ”, посочува документот.
Извептајот го издвојува притисокот на Кина да воспостави дополнителни воени бази во земјите со кои има долготрајни пријателски односи и слични стратешки интереси, како што е Пакистан, и во кои има преседан за сместување странски воени сили.
Во март Гарет Маркиз, портпарол на советникот за национална безбедност на Белата куќа, побара од италијанската влада да не учествува во кинескиот БРИ, нарекувајќи го суетен проект.
Сепак, набргу потоа Италија стана првата голема западна земја што го поддржа БРИ, кој предвидува промовирање инвестиции во проекти кои би ги поврзувале десетици земји низ Африка, Азија и Европа преку создавање инфраструктурни мрежи слични по цел на античкиот трговски Пат на свилата.
На неодамнешниот Форум на БРИ во Пекинг, германскиот министер за економија, Петер Алтмај, пак, рече дека големите земји на ЕУ, вклучувајќи ги Германија, Франција, Шпанија и Велика Британија, се подготвени да потпишат меморандум за разбирање за БРИ како група, а не како индивидуални држави.