Гордана Нацева, поранешната македонска ракометна репрезентативка, е сегашен амбасадор на Европското првенство (ЕП) кое овој месец ќе се игра во Македонија, Црна Гора и Словенија. Една од најдобрите голманки во македонската историја вели дека овој настан е идеална можност за промоција на женскиот ракомет и идеален момент за издигнување на истиот кој се враќа на големата сцена. -Ја поздравувам одлуката на РФМ да ги вложи сите свои потенцијали и да прифати да биде организатор на ЕП. Видовме колку енергија, трпение и сила е вложено во овој настан. Благодарност до претседателот, генералниот секретар и целата федерација што денес сме горди како спортисти и спортски работници што токму во Македонија се одржува најголемиот настан на континентот во женска конкуренција. Сите сме свесни колку голема работа ни се случува. Направено е многу. Сега доаѓаат деновите кога треба да се ужива во натпреварите. Сакам да им порачам на младите дека наредните десет дена најубаво место за излегување е СЦ „Борис Трајковски“ кој блеска од убавина. ЕП се одржува во исклучително важен период за женскиот ракомет кој се обидува да се врати на старите патеки. Ова ќе биде мотив и импулс за сите. Мора да го искористиме моментот за промоција на женскиот ракомет, затоа што подобра можност од оваа немаме. Можам само да замислам како се чувствуваат ракометарките кои ќе истрчаат на теренот, пред полна сала. Затоа е потребно да им ја дадеме нашата поддршка“, кажа Нацева. Женската селекција на Македонија се враќа на големата сцена по десет години. Последен пат на Европско првенство македонскиот национален тим играше во 2012 година во Србија.