Полицијата од Виница поднесе кривична пријава против 71-годишен виничанец поради сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
Како што информираат од МВР, на 5 март годинава на местото наречено Влашки Ливади во Виница, пријавениот запалил стрниште, при што избувнал пожар, кој се проширил на соседната нива и склад за дрва што го користи приватна фирма.
Притоа биле опожарени 227 кубни метри багрем, 99 кубни метри даб и 49,5 кубни метри бор, а оштетени биле и товарни возила, приколка и други средства, со што била причинета материјална штета од 2.055.040 денари.
Во пожарот бил зафатен и деловен објект во сопственост на жител од село Истибања, при што биле оштетени ПВЦ- столарија, ѕид и покривната конструкција, со што била причинета материјална штета од 254.450 денари.