Во онлајн-анкетата што ја спроведе истражувачкиот центар на „Макфакс“ на прашањето кој е најдобриот албански партнер за иднината на државата, најголем број испитаници се одлучиле за Алтернатива, чиј претседател е Африм Гаши, а потоа следуваат Алијансата за Албанците, ДУИ, Беса, а најмалку се одлучиле за ДПА. Над 16 отсто од испитаниците одговориле „кој било“ албански партнер би бил добар за иднината на државата.
Процентите се многу блиски еден до друг, особено меѓу новата партија Алтернатива, која беше формирана во март годинава, и Алијансата за Албанците. За првата се одлучиле 20,4 отсто од испитаниците, a за Алијансата 20,2 отсто. ДУИ е на трето место со 17,7 отсто, Беса со 13,1 отсто, а ДПА со 11,8 отсто.
Анкетата на истражувачкиот центар на „Макфакс“ беше спроведена онлајн на 14 веб-страници на 2 мај и траеше 24 часа. Во тој период по анкетата се произнеле 2.503 испитаници, од кои 74 проценти биле мажи, а 26 проценти жени. Повеќето гласале од Македонија, а другите од Германија, Швајцарија, САД и од други држави. Најголем број од одговорите ги дале лица на возраст од 25 до 34 години.