Претставници од органите и телата на гранските синдикати членки на Сојуз на синдикатите на Македонија денеска од пред Собранието побараа од пратениците членови на Комисијата за финансирање и буџет да го поддржат амандманот на ССМ на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите.
– Упатувам јасна порака до пратениците кои се членови на таа Комисија и за кои ставивме 14 столчиња со осум жолти картони, бидејќи минатиот пат не го изгласаа тој предлог-амандман за 2 806 линеарно зголемување на платите на работниците, да се освестат и да го изгласаат, бидејќи јавно, оттука им порачувам, сите овие работници, кои што се зад мене го чекаат нивниот глас „за”, ако не биде тоа така, ние јавно ќе побараме со име и со презиме, оставка од тие пратеници, бидејќи, ако дигнат рака за „не” ќе кажат дека не се за работникот и не се за народот во овие тешки моменти, истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Димовски посочи дека продолжуваат со штрајкот и информираше дека во моментов преговараат со пет општини и 12 јавни комунални претпријатија.
– Во јавниот сектор насекаде продолжува штрајкот на своите работни места, но јас мора да повторам, во моментов преговараме со пет општини и 12 јавни комунални претпријатија, тоа ќе го правиме во текот и на другата недела, бидејќи потоа ќе ве викнеме на прес каде што јавно ќе кажеме „другари, не благодарам, не сме повеќе за 2 806 денари, за оние кои што мислиме дека се виновни за тоа ќе си побараме оставки, вклучително тоа дали се пратеници, министри, градоначалници, директори на претпријатија и институции, ќе ги повикаме и ќе ги кажеме, но, и ќе кажеме онаму каде што има ефект, а тоа се 25 јавни комунални претпријатија и во моментов пет општини, посочи тој.
На прашање за евентуална радикализација на протестите, тој одговори дека смета оти нема полошо некој да побара од некого оставка или разрешување, бидејќи не си ја извршува достојно работата.