Во изложбениот салон „Архив” на Државната агенција за архив на Бугарија беше отворена заедничката изложба „Стари балкански фотографии” со Државниот архив на Република Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Софија. Изложбата опфаќа фотографии од втората половина на 19 век до триесеттите години на 20 век.
Бугарската државна агенција „Архив” учествуваше со 108 фотографии зачувани во Централниот државен архив и во државните архиви на Велико Трново, Пловдив, Варна, Габрово, Јамбол, Сливен, Смолјан, Софија, Добрич, Хасково, Видин, Тарговиште, Русе, Сливен, Карџали, Благоевград, Враца, Перник, Разград, Бургас и Плевен. Тие се групирани по неколку теми: градови, села, егзистенција, начин на живот, облека, пазар и празници. Северна Македонија е претставена со исто толку фотографии.
Директорот на бугарската Државна агенција за архив Михаил Груев, за МИА коментира дека Бугарија учествувала со фотографии на фотографот на палатата Димитар Карастојанов, како и на Крум Савов и други фотографи од тој период. Ова се фотографии од бугарското и македонското секојдневие, вклучувајќи ја егзистенцијата, празниците и работните денови на нашите прабаби и прадедовци.
Според Груев, главната порака е за заедничкото минато и заедничката иднина на двете земји и на двата народа, бидејќи како што рече тој, ќе се види колку сме блиски еден до друг и дека се работи за општество кое го напушта ориенталниот дух и исто така полека се европеизира.
Директорот на Државниот архив на Северна Македонија Емил Крстевски, за МИА во Софија коментира дека главната порака на изложбата е дека на Балканот живеат земји и народи кои имаат многу заеднички нешта од историски и културен аспект. Фотографијата е сведоштво за минатото и времето, а на изложбата одлично се претставени нашите обичаи и архитектура од минатото од крајот на 19 и почетокот на 20 век, како и ракотворби и народни носии.
Тој рече дека Северна Македонија се претставува со фотографии од познатите браќа Манаки, Анастас Лозанчев, Милтон Манаки, Светозар Рајчевиќ, Димитри Митанов.
На изложбата во Софија, Емил Крстевски рече дека има фотографии од целата територија на Северна Македонија и има многу карактеристични фотографии кои ја претставуваат тогашната архитектура и народни носии, како и училиштата и образованието и познати личности од тој период од областа на културата. Има и фотографии од архивските фондови на ДАРСМ – ЦК и одделенијата во Битола, Велес, Скопје и Прилеп.
Крстевски рече дека од крајот на 2019 година тој и неговиот бугарски колега Груев планирале да одржат повеќе заеднички настани, како и објавување заеднички збирки и организирање изложби, но пандемијата Ковид ги одложила нивните планови и дека оваа изложба е дел од овој план, кој се спроведува. Изложбата веќе беше претставена во Скопје на 15 јули, а наесен ќе биде претставена и во Брисел за да ја запознае европската јавност, рече и директорот на Државниот архив на Северна Македонија.