Започнува изградбата на нова водоводна линија на улицата „Илија Ристевски“ со краците, во месноста Порупи село Драчево. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска го промовираше овој проект, кој е шести од предвидените седум капитални проекти по повод роденденот на Кисела Вода.
Важноста на овој проект и неговата класификација како капитален, се огледува во фактот што постојната мрежа од која досега се снабдуваа жителите е стара повеќе од 60 години, односно е градена во време кога населеноста, а со тоа и потребите биле значително помали. Дополнително, големи проблеми се појавуваат поради притисокот што се јавува врз оваа водоводна мрежа бидејќи истата минува низ дворовите и куќите на жителите на оваа улица и краците што гравитираат кон неа, соопшти прес службата на општина Кисела Вода.
До средината на август ќе заврши изведбата на новата водоводна линија долга 1450 метри со што населението ќе добие квалитетни и современи услови, какви што доликуваат на живеењето во 21 век.
Општина Кисела Вода апелира до граѓаните кои живеат во овој дел на селото Драчево за трпение и разбирање додека траат градежните работи.