Дефект на главната водоводна линија во штипската населба Баби од утринава без вода остави дел од поголемите населби и високите зони. Директорот на ЈП „Исар”-Штип, Трајче Здравков за МИА вели дека во моментов водоснабдувањето за населбите кои останаа без вода се пренасочува преку друга главна водоводна линија и се очекува домаќинствата да добијат вода за половина или максимум еден час.
-Нашите вработени од работната единица Водовод и канализација со механизација работат на терен. Дефектот се случи рано утринава, а современиот скада систем покажа дека има проток на вода на главната линија. Веднаш за 15 минути е лоциран и е почната неговата санација, вели Здравков.
Тој посочи дека станува збор за дефект на азбесно цементна цевка Фи 500. Оваа главна водоводна линија е стара речиси четири децении. Здравков е дециден дека затоа под итно е потребна нејзина реконструкција, бидејќи, како што вели, поради големиот притисок на вода, кој пристигнува од ХС Злетовица доаѓа до пукање на цевките. Се очекува дефектот да се санира попладне, со што ќе почне и нормализирањето на системот.