Споменот на неа сè уште живее. Таа успеа да влезе во историјата и да ги освои срцата на Британците, но и останатите ширум светот. Светот остана во шок на 31 август 1997 година, кога се прошири веста за сообраќајната несреќа во тунел во Франција во која животот го загуби омилената британска принцеза. Доколку нејзиниот возач одбереше некој друг пат, принцезата на народот, како што ја нарече тогашниот британски премиер Тони Блер, на 1 јули ќе наполнеше 61 година.
Дијана и Чарлс се венчаа на 29.јули 1981 година во Катедралата Св.Павле во Лондон. Свадбената церемонија ја гледаа преку 750 милиони луѓе, а пренос имаше на 74 телевизиски станици ширум светот. На церемонијата присуствуваа 2.650 гости, а Дијана беше облечена во венчаница од 9.000 фунти, чиј „опаш“ беше долг дури осум метри.
Стилот што го негуваше принцезата Дијана изврши големо влијание врз многу генерации.
Таа се трансформираше од срамежлива девојка во обожавана принцеза и модна икона која носеше парчиња од Версаче, Шанел и Кетрин Вокер.
Во секоја пригода, независно дали се работи за црвен килим или за деловен изглед, или пак во моментите кога сакаше да биде само „обична“ девојка, нејзиниот стил беше инспирација за бројни копирања.