Европската централна банка (ЕЦБ) мора да постави строги услови за помош на задолжените членки на еврозоната и да ја ограничи на вонредни ситуации, изјави гувернерот на германската Бундесбанка, Јоаким Нагел. На јунската седница ЕЦБ најави дека поради високата инфлација ќе ги зголеми каматните стапки во јули за четвртина процентен поен. По најавата разликата во приносите меѓу референтните германски државни обврзници и оние на високо задолжените јужноевропски членки на еврозоната, како што е Италија, достигна највисоко ниво во повеќе од две години, што сигнализира голема разлика во трошоците за задолжување.
Со цел да се намали оваа разлика и да се ублажи ризикот од „фрагментација” на еврозоната, банката на вонредната седница во јуни објави дека може да им помогне на задолжените членки на еврозоната со „флексибилно” купување на должнички хартии од вредност и „нов инструмент”.
Тоа значи дека ЕЦБ планира да ги зголеми трошоците за задолжување во еврозоната како целина и во исто време да ги ограничи за високо задолжените членки.
Нагел вчера предупреди дека е „буквално невозможно” да се утврди точно која треба да биде разликата во трошоците за задолжување, нагласувајќи го ризикот владите да станат претерано зависни од ЕЦБ.
– Затоа би предупредил да не се користат инструменти на монетарната политика за ограничување на цената на ризикот, бидејќи буквално е невозможно веродостојно да се утврди дали поголемата разлика во приносите (на државните обврзници) е оправдана со (економски) индикатори, истакна Нагел.
Вонредните мерки на монетарната политика за ублажување на фрагментацијата може да се оправдаат само во исклучителни ситуации и под строги услови, посочи Нагел.
Во предлогот за нови мерки, според неименувани извори, ЕЦБ предвидела и услови за земјите чии трошоци би биле намалени, како што е усогласеноста со макроекономските препораки на Европската комисија.
Управниот совет на ЕЦБ ќе ја претстави новата програма на состанокот на крајот на месецот.