Меѓународниот републикански институт (ИРИ), американска организација која промовира демократија и владеење ширум светот, соопшти дека иницијативата „Отворен Балкан” ја поддржуваат 75 отсто од српските граѓани и 61 отсто од македонските граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.
Кога станува збор за регионот, отворањето на границите што е предвидено со таа иницијатива значајно ја подржуваат граѓаните на Босна и Херцеговина – 68 отсто и Црна Гора – 66 отсто, како и Косово – 42 отсто, иако овие земји не се вклучени во оваа иницијатива, пренесува Косово онлајн.
Според агенцијата ФоНет, која ги пренесе податоците на ИРИ објавени на Твитер, поддршката за отворање на границите и иницијативата „Отворен Балкан” во земјите од Западен Балкан се: во Србија 75 отсто, во Босна и Херцеговина 68 отсто, во Црна Гора 66 отсто, во Северна Македонија 61 отсто и 42 отсто во Косово.