„Историска” средба на палестинскиот претседател и лидерот на Хамас во Алжир

Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун организираше „историска” средба на палестинскиот претседател Махмуд Абас и лидерот на палестинското исламистичко движење Хамас, Исмаил Ханије, објави алжирската национална телевизија.

На средбата организирана после неколкугодишен период на заладени односи присуствуваа и претставници и на палестинската управа и на движењето Хамас.

Абас и Ханије се во Алжир за да присуствуваат на прославите по повод 60-годишнината од независноста на северноафриканската држава.

Хамас и партијата Фатах на Махмуд Абас се во судир од 2007 година, кога исламистите по крвави судири ја презедоа контролата врз Газа.

Палестинската управа со доминација на Фатах раководи со окупираниот Западен Брег каде живеат повеќе од 2,8 милиони Палестинци, додека Појасот Газа, микро-територија од 2,3 милиони луѓе под израелска блокада, е под контрола на Хамас.

Откако го прими Абас во Алжир во декември 2021 година, Тебуне покрена иницијатива за помирување меѓу Фатах и Хамас, но тоа не резултираше со зближување меѓу двете ривалски групи.

Треба да знаете
Последни објави