Норвешката Влада синоќа интервенираше и го прекина штрајкот во енергетскиот сектор, изјавија првиот човек на синдикатот и министерката за труд, сигнализирајќи дека е отстранета опасноста од влошување на кризата во снабдувањето на Европа со гас.
Работниците на нафтените платформи во Норвешка ноќта од понеделникот на вторник стапија во штрајк ноќ со барања за повисоки плати во време на висока инфлација.
Синдикатот „Ледерне” минатата седмица го одби барањето за покачување на платите меѓу четири и 4,5 отсто што ги договорија челниците на останатите синдикати и работодавците. Инфлацијата во мај изнесуваше 5,7 отсто.
Штрајкот денеска требаше да продолжи што би значело дека до сабота, според здружението на нафтени компании НОГ, дневниот извоз на гас би бил намален за нешто повеќе од милион барели нафтен еквивалент или за 56 отсто.
Владата вчера соопшти дека не планира да интервенира во спорот. „Одговорност на социјалните партнери е да најдат решение за секој конфликт”, рече заменик-министерот за труд Марија Шумахер Валберг.
Но, синоќа сепак ги покани на состанок претставниците на синдикатот и на работодавачот, по што лидерот на „Ледерне” објави дека го прекинуваат штрајкот.
„Работниците ќе се вратат на работа што е можно поскоро. Го откажуваме планираното проширување (на штрајкот)”, рече Аудун Ингварстен, потврдувајќи дека штрајкот е завршен.
Министерството за труд во одвоено соопштение потврди дека го искористило правото да интервенира.
„Норвешка игра клучна улога во снабдувањето на Европа со гас, а планираното продолжување на штрајкот би имало сериозни последици за Велика Британија, Германија и другите земји. Влијанието (на понудата) би било драматично, со оглед на моменталната ситуација во Европа”, рече министерката за труд Марте Мјоес Персен.
Од операторот на гасоводот „Гаско” соопштија дека според најлошото можно сценарио од сабота ќе престанеше испораката на норвешки гас за Белгија и Велика Британија.